Дваесет и тројца студенти од Факултетот за медицинскит науки при Универзитетот во Тетово се ангажирани во процесот на масовната имунизација против Ковид-19 во спортската сала на медицинското училиште „Никола Штејн“ во Тетово.

Тие речиси еден месец секојдневно се таму и помагаат околу евиденцијата и проверка на термините на граѓаните кои закажале вакцинација. Масовната имунизација во Тетово почна на 4 мај.

-Откако за соработка за масовната вакцинација добивме барање од Министерство за здравство и Општина дадовме 23 имиња кои се апсолвенти во шеста година односно 12-ти семестар на студиите по општа медицина, а дел од нив се од студиите по фармација, исто апсолвенти од десети семестар. Имаат униформа од нивните факултети и помагаат околу евиденцијата на термините и контролата на терминот за вакцинација на граѓаните од Тетово, Гостивар и дел од Маврово-Ростуше, изјави деканот на Факултетот за медицински науки, Невзат Елези.

Сите студенти ги извршуваат дадените задачи на волонтерска основа.

-Со договор со Министерството за здравство ќе бидат ангажирани 40 денови. Ако има потреба за втора акција Министерство за здравство за масовна вакцинација ќе ја смениме екипата затоа што не е малку 40 дена да волонтираат. И за оценка околу нивниот ангажман можете слободно да ги прашате граѓаните, бидејќи имам многу позитивни реакции од разни граѓани и разни институции и од директорот на „Мој Термин“. Голема е нашата благодарност до нив за помошта за целата државата. Јас им ветив дека согласно Лекарската комора и со дозвола на Министерството ќе се направи обид да добијат еден месец работен стаж за нивниот ангажман, истакна деканот Елези.

На 18 мај во тетовскиот регионален центар беше надминатa бројката од 10 илјади вакцинирани граѓани. Сега во тек е ревакцинирање на граѓаните, а бројката вчера достигна околу пет илјади.