Заврши реконструкцијата на санитарните јазли и набавена е нова опрема за отсекот фармација во средното медицинско училиште „Јане Сандански“ во Штип.

Градоначалникот на Општина Штип, Сашко Николов на денешната прес-конференција рече дека од буџетот на општината за овие два проекти инвестирани се вкупно 2.665.000 денари. Во ова регионално училиште учат над 800 ученици.

Директорката на СОУ „Јане Сандански“, Маја Гичева вели дека санитарните јазли во ова училиште не биле реконструирани 35 години.

-Можете да замислите дека беа во една, не би рекла катастрофална состојба, но сепак во една лоша состојба. На овој начин создаваме едни подобри услови за престојување на учениците и наставниот кадар, вели Гичева.

Штипскиот градоначалник, Николов најави дека од буџетот на Општина Штип ќе се реализираат уште неколку проекти.

-Реконструкција на кабинет за забни техничари, за што општината ќе издвои 1.400.000 денари и целосна реконструкција на училишниот двор, за што ни се планирани два милиони денари, исто така средства обезбедени од Општина Штип, вели Николов.

Директорката на СОУ „Јане Сандански“-Штип, Гичева најави дека уписите на ученици во прва година стартуваат на 14 јуни, а годинава новитет е профилот медицински-санитарен техничар, кој одговара и е потребен на институциите во време на пандемија. Уписите ќе се реализираа, како лани со посебни здравствени протоколи.