Во организација на Здружението за правна едукација и транспарентност СТАНИЦА П.Е.Т. и неколку ромски организации денеска на плоштадот Александрија – Камена бина во Прилеп ќе се одржи креативна акција насловена „Информирај се, Пријави се и вакцинирај се!“.

Организаторите информираат дека акцијата има за цел подигнување на свесноста на пошироката јавност во однос на вакцинацијата за заштита од КОВИД-19, како и давање на практична помош на граѓаните да се регистрираат во он-лајн системот vakcinacija.mk.

Акцијата е дел од обуката за креативен активизам на ромски организации која ја спроведува Фондацијата Отворено општество – Македонија со Центарот за современи уметности од Скопје, а на обуката и во креирањето и спроведувањето на акцијата учествуваат претставници на Здружение за правна едукација и транспарентност СТАНИЦА П.Е.Т. (Прилеп); ИРИЗ – Иницијатива за развој и инклузија назаедниците (Скопје); Здружението за развој и унапредување на ромската заедница Романо Чачипе (Скопје) и Здружение Национален Ромски Центар (Куманово).