Континуираното иселуваање на младите од Општина Пласница, придонесе бројот на првачињата секоја година да биде се помал и помал, а годинава нивниот број споредено се претходните години е намален за една паралелка, вели директорот на општинското основно училиште Риза Реџепоски.

-И покрај нашите надежи дека состојбата со иселувањето ќе се подобри, сепак секоја година се соочуваме со намалување на бројот на ученици во нашето училиште. Така годинава од нашата општина условите за упис во прво оделение ги исполнуваа 61 дете, од нив дури 23 своето образование ќе го започнат во странство, поточно во Словенија, каде е и најголемиот број печалбари од нашето село .Од учениците кои тука ќе започнт 28 во предвидениот рок се запишаа, додека другите десет очекуваме да се запишат на почетокот од новата учебна година, кога ќе ги завршат неопходните прегледи за да ги исполнат условите за упис, изјави директорот на ОУ„ Мустафа Кемал Ататурк“, Риза Реџепоски.

Тој наведе дека и претходните години се соочувале со истите проблеми, учениците го започнуваат образовниот процес во странство по иселувањето на цели семејства.

-Не само ова лето истите проблеми се провлекуваат со години.Во 2020 од можни 47 ученика за прво оделение, 15 се запишаа во странство, додека 32 ученика имавме запишано во нашето училиште.Слична беше состојбата и претходните години кога добар дел од првачињата наместо во родното место го започнаа образованието во странство.Покрај првачињата, во изминатите години и бројот на ученици од повисоките оделенија, кои го започнаа образованието кај нас и по неколку завршени оделенија заминаа во странство, каде целосно ќе се образуваат и ќе продолжат да живеат, додава директорот Реџепоски.

За последните три години, информираше дека бројот на ученици во училиштето се намалил од 500 на 430 ученици.