Со информирање и давање практична помош за регистрирање, на плоштадот „Александрија“ во центарот на Прилеп, невладината „Станица П.Е.Т.“ спроведе креативна акција за информирање и подигнување на свесноста за потребата од вакцинација, за граѓаните да се заштитат себеси и другите од КОВИД-19. Креативната акција е насловена „Информирај се, пријави се и вакцинирај се!“.
Од оваа главна креативна акција се очекува да произлезат помали акции во ромската населба „Тризла“, како и руралните места во кои граѓаните имаат потреба од дигитална поддршка за обезбедување термин за вакцинација. Акцијата нуди и дополнителни вистинити информации преку кои би се ослободиле од лажните вести поврзани со вакцинацијата што постојано се шират по социјалните мрежи.
-Со оглед на фактот што во Прилеп и околните рурални места живеат голем број граѓани кои со соочуваат со различни економски, социјални и географски бариери, како и поради фактот што постојат голем број дигитално неписмени луѓе, вестите и соопштенијата кои Владата ги објавува во врска со вакцинацијата за заштита од КОВИД-19 не може да допрат до пошироките народни маси кои се оневозможени да се информираат, да се пријават и да се вакцинираат, објаснуваат од невладината организација „Станица П.Е.Т.“
Акцијата е дел од обуката за креативен активизам на ромски организации која ја спроведува Фондацијата Отворено општество – Македонија со Центарот за современи уметности од Скопје, а на обуката и во креирањето и спроведувањето на акцијата учествуваат претставници на: Здружение тоза правна едукација и транспарентност „Станица П.Е.Т.“ од Прилеп, ИРИЗ – Иницијатива за развој и инклузија назаедниците од Скопје, Здружението за развој и унапредување на ромската заедница „Романо Чачипе“ од Скопје и здружението „Национален Ромски Центар“ од Куманово.ем/бт/