На Пунктот за масовна вакцинација сместен во спортската сала на ССОУ „Коле Неделковски“ од почетокот на масовната вакцинација против Ковид-19 од 25 мај до вчера се вакцинираи 3098 лица од Велес и Општина Велес, како и општините Градско, Чашка и Лозово. Од нив 1005 лица примиле прва доза на „Астра Зенека“ и 2093 прва доза од кинеската „Синофарм“. На сите им бил закажан и термин за ревакцинација.

Вакцинацијата досега се одбива во најдобар ред и без проблеми, а за вакцина се јавуваат лицата кои се пријавиле и добиле покана преку вакцинација.мк , информира за МИА, ,д-р Марина Тодоровска, координатор на Пунктот за масовна вакцинација во Велес.

-Во изминатите неколку дена се вакцинираа лица помеѓу 60 и 50 години, потоа помеѓу 50 и 40 годишна возраст. Сега сме во очекување на нова пратка вакцини и масовната вакцинација продолжува утре, кога на список за вакцинација ќе бидат и лица пријавени под 40 години, најави д-р Тодоровска.

Воедно, информира дека на пунктот во Здравствен дом Велес, деновиве со втора доза вакцина односно биле ревакцинирани 387 лица со „Синофарм“. Ревакцинацијата понатаму до крајот на месецов ќе продолжи со втора доза „Астра Зенека“.