Во Делчево се одржа промоција на делото „Безобразно голем“ од авторката Ленче Стоименова од Кочани. Делото, како што информираше авторката, содржи 31 карикатура посветена на македонскиот и светски познат сатиричар Миле Ѓорѓијоски.

-Оваа книга се подготвува подолго време, би рекла со години. Прво почнав да подготвувам одредена карикатура за некој повод, па потоа се редеа и многу други карикатури во овој би рекла албум на карикатури во кои ќе го најдете Ѓорѓијоски во најразлични згоди и незгоди, обични, политички и какви не сакате или вкупно 32 кариактури во боја, рече Стоименова. Со оваа книга Стоименова заокружува опус од 10 авторски книги, а во голем број останати книги, како што додаде, самата се јавува и како коавтор. Миле Ѓорѓијоски или „екселенција сатира“ како што е познат во афористичарските кругови е пријатно изненаден од тоа што некој од колегите од земјава го цени она што тој го направил за литературата и го сместил во вакво издание.

– Сепак, без разлика на мојата иронија, сум пријатно изненаден што постојат луѓе во Македонија што го ценат колегијалното и она што го создаваме. Се надевам дека ќе има уште многу вакви книги од самата авторка, рече Ѓорѓијоски. Промоцијата се одржа во организација на Центарот за култура „Никола Јонков – Вапцаров“ од Делчево со почитување на протоколите за организирање настани во време на пандемија.