Само осум ковид пациенти се лекуваат на Инфективното одделение при струмичката болница. Од нив двајца се на болничко лекување, додека останатите шест доаѓаат на дневно лекување и по примената терапија си заминуваат дома.

Според директорката на ЈЗУ Општа болница Струмица, д-р Катерина Кузмановска, драстично е намален притисокот врз здравствените работници, кои досега го поднесоа најголемиот товар од епидемијата од Ковид-19.

-Заради намалувањето на бројот на ковид пациенти ја затворивме модуларната болница, во која можеа да се сместат 38 пациенти. Таа е дезинфекцирана и засега не се користи. Доколку се влоши епидемиолошката состојба, тогаш повторно ќе ја ставиме во функција, рече директорката Кузмановска.

Додаде доколку во наредните месеци не се зголеми бројот на заболени од коронавирусот, размислуваат во објектот на модуларната болница да префрлат некои од одделенијата на болницата или да отворат амбуланти за полесен пристап на граѓаните.