Спортското игралиште во делчевското село Тработивиште доби нов лик. Освен активностите за санација на игралиштето, како што информираа од Општината, поставено е и осветлување на игралиштето со што тоа ќе може да се користи и во ноќните часови.

– Вработени во подрачното училиште заедно со екипи од Јавното комунално претпријатие „Брегалница“, во изминатиот период работеа на санација и уредување на спортското игралиште што се наоѓа во дворот на Подрачното училиште „Св. Климент Охридски“ во село Тработивиште. Во рамки на акцијата беше поставена нова заштитна мрежа, беше обележано спортското игралиште, обоена дворната ограда и урбаната опрема и беа поставени рефлектори за спортување во ноќните часови. Активноста е реализирана со средства од општинскиот буџет, информираа од Општината.

Освен во Тработивиште во рамки на активностите за подобрување на животот во руралните средини деновиве заврши и реновирањето на селската чешма во селото Нов Истевник.

– Во ова село заврши реконструкцијата на чешмата, заменети се старите дотраени инсталации, а чемшата е обложена со камен. Деновиве ќе се уреди и просторот околу неа, каде ќе биде поставена и урбана опрема со што жителите добиваат соодветно место за разговор и дружење, додадоа од Општината.

Активноста за уредувањето на селските чешми како што дополнија е со цел да се намалат загубите на вода, да се подобри функционалноста и изгледот на селските чешми и да се уреди катче за дружење на жителите. Инвестицијата за реконструкција на селските чешми е на Општина Делчево, а работите ги изведуваат екипи на ЈКП „Брегалница“. Досега се реконструирани селските јавни чешми во селата Вирче и Град.