Фонтаните кои се дел од проектот за ревитализација на Китино Кале, беа пуштени во пробна работа, откако беа наполнети со вода и вклучени во кружниот тек, со цел увид во функционалноста на системот.

На пробното пуштање во работа беа присутни и градоначалникот Дехари и директорот на комуналното претпријатие Јонузи, кој изрази големо задоволство од пробната работа на фонтаните.

– Фонтаните кои изминатава година се изградени на Китино Кале се можеби најубавиот дел од проектот за ревитализација на овој простор. Пробната работа потврди дека системот добро функционира и пумпите кои ја движат водата во секој дел од фонтаните работат според нашите очекувања. Како што може да се забележи работите на овој проект се на самиот крај и наскоро можеме во целост да го понудиме на граѓаните овој обновен локалитет. Видлив е интересот на жителите на Кичево за овој проект и, тоа е причината зошто за релативно краток период толку многу граѓани го посетиле калето, а овие посети ќе бидат уште поголеми кога и официјано ќе биде предаден во употреба целиот проект и отворен ресторанот со летна тераса-вели Зенел Јонузи, директор на ЈКП „Комуналец“.

Тој стави забелешка на неодговорниот однос на поединци кои посегнале да ги кршат реквизитите на сеуште недовршениот проект и апелира до сите посетители на калето , да се грижат за гордоста на Кичево, а не да го уништуваат она што е изградено за нивно заедничко добро.