Започна испораката на огревно дрво за кичевските пензионери, кои изразија желба на рати преку Здружението на пензионери да се снабдат со огревно дрво, потврдуваат од кичевското Здружение.
-Според информацијата од добавувачот ШС „Лопушник“ испораката на огревно дрво на рати за нашите членови започна нешто порано од лани. Засега околу педесетина наши членови го добија огревното дрво и ако продолжи испораката со оваа динамика, очекуваме до крајот на летото истата целосно да заврши. Работата е олеснета и од причина што близу педестина пензионери од лани, годинава не се запишаа на списокот за дрва на рати. Дали причината е ланската задоцнета испорака или се снабдија со дрва од други добавувачи не можеме да знаеме, вели Владо Вељаноски, благајник.
Тој појаснува дека во старт се испорачува дабово дрво и речиси без исклучок сите испораки се во количина од по половина камион или 6,5 кубици. Деновиве поради поројните дождови оневозможена е испорака и таа ќе продолжи откако ќе се подобри временската состојба.
Потсети дека дрвата се плаќаат на шест еднакви рати, по 2200 денари една рата за дабово и 2100 рата за буково дрво .Во цената е вкучен и растовар во домот на нарачателот.