По повод одбележувањето на Христовото Вознесение, Спасовден, заштитникот на градот Гевгелија, денеска во манастирската црква „Свети Спас“ се одржа свечена божествена литургија на која покрај многуте верници, присуствуваше и градоначалникот Сашо Поцков.
Со свечената богослужба чиноначалствуваше неговото високо преосвештенство, митрополитот повардарски господин Агатангел во сослужение Иларион и Пимен.
Со честитката за празникот што ја упати кон многубројните верници, господин Агатангел истакна дека токму сега е времето кога треба духовен мир да ги исполни душите и срцата на сите присутни, нивните семејства и на целиот македонски народ.
-Не треба да не разделува ниту верската, ниту националната, ниту политичката разноликост. Потребно е световно и духовно единство, потребна е меѓусебна љубов и почит за да можеме да си го зачуваме идентитетот, нашиот јазикот и сите наши културни и општествени вредности, рече господин Агатангел.