Сообраќајниот метеж во Кичево се намали по изградбата на паркингот во кругот на Зелениот пазар во градот.

-Минатата година ЈКП „Комуналец“ одлучи дел од големиот зелен пазар да го претвори во паркинг простор каде ќе можат да се паркираат стотина патнички автомобили или шеесетина автомобили и комбиња. Од тогаш состојбата драстично се промени на подобро, сообраќајниот метеж повеќе го нема, а граѓаните можат без грижа за својот автомобил да дојдат да пазарат и да завршат работа, изјави Ариф Алими, раководител на кичевскиот Зелен пазар.

– Одлуката на нашето претпријатие и Општината, дел од Зелениот пазар да го претвори во паркинг простор беше вистински потег, за конечно да се реши сообраќајниот метеж кој се создаваше во овој дел од градот. Паркингот се протега на површина од околи 1000 метри квадратни и во ист момент тука можат да се паркираат стотина патнички автомобили или 60-тина комбиња и автомобили, рече Алими.

Тој посочи дека и безбедноста на превозните средства кои тука се паркираат се подобрува со изградбата на овој паркинг.

– Со отворањето на овој паркинг и тезгаџиите кои се од страна, повеќе нема потреба своите превозни средства да ги оставаа далеку од пазарот и да стравуваат дали некој ќе ги оштети или не и ќе бидат безбедни во текот на ноќните саати кога тука престојуваат, додава Алими и дополни дека допрва ќе биде тарифиран паркингот, поточно ќе се прецизира цената за паркирање на патнички моторни возила и комбиња и време за нивниот престој на пазарот. Тоа ќе се спроведе по одлуката на Советот на Општина Кичево.