На масовниот вакцинален пункт во Велес во спортската сала на ССОУ „Коле Неделковски“ по паузата викендов, денеска продолжи вакцинацијата на населението за што се добиени нови дози од вакцината „Фајзер“.
За три дена има околу илјада вакцини, односно од денес до среда по 330 вакцини за секој ден. Се вакцинираат граѓани на возраст од 40 до 59 години.
Како што информира за МИА, д-р Марина Тодоровска, координатор на вакциналниот пункт, вакцинацијата се одвива беа проблеми, а на тимот од осум лекари и исто толку медицински сестри им помагаат и волонтери од Општинскиот Црвен крст, од војската и од полицијата.
– Вакцинацијата е исклучиво по пријавување на сајтот „вакцинација.мк“ и по добивање на покана од тимот на Министерството за здравство, потенцира д-р Тодоровска.
Од четврток ќе почне и ревакцинацијата со кинеската „Синофарм“.
– Воедно, од идниот понеделник на пунктот за вакцинација во Здравствениот дом во Велес ќе се врши вакцинирање на постари лица со втора доза од „Астра Зенека“, информира д-р Тодоровска.
На масовниот пункт за вакцинација во Велес од 25 мај до денес се вакцинирани над 4,5 илјади жители на Велес и цела општина, заедно со општините Градско,Чашка и Лозово.