Седумдесет и осумгодишнината од загинувањето на револуционерот и поет, Коста Солев Рацин вчера традиционално се одбележа со еднодневен планинарски Марш во негова чест од Велес до Лопушник, Кичево, местото на неговото погибје.
Во чест на ликот и делото на Рацин, учесниците на маршот испешачија 22 километри во два правца, од село Извор до врвот „Стог“ на планината Лопушник и назад. Положија свежо цвеќе на споменикот на Рацин, а во негов спомен запалија свеќи на местото на неговото трагично загинување.
Како што денеска информираат од Општина Велес, Маршот за Рацин го организираше еколошката групација „Грин Пауер“ од Велес со финансиска поддршка на Општина Велес, а на велешките екологисти им се придружија уште стотина други учесници од Здруженија на граѓани од Гевгелија, Куманово, Битола, Прилеп и Скопје. Поради пандемијата Маршот се одржа само еден ден со ограничен број учесници и согласно сите протоколи за заштита, појаснија организаторите.
Посочија дека пред да заминат за Лопушник учесници на маршот положија свежо цвеќе и пред спомен бистата на Кочо Рацин во центарот на Велес.