Почетокот на првиот уписен рок за учениците кои средното образование во учебната 2021/22 ќе го продолжат во гимназијата „Методи Митевски – Брицо“ во Делчево започна во најдобар ред. Како што информираше Јасминка Величковска, член на комисијата за успешно спроведување на уписите, гимназијата на располагање за следната учебна година има 195 слободни места, а најголем интерес на стартот учениците покажале за гимназиско образование.
-Уписите траат четири дена, од денес до четврток 17 јуни. Слободни места во нашето средно училиште имаме во гимназиска струка, текстилно-кожарска и хемиско-технолошка. Во гимназиско образование имаме предвидено формирање на четири паралелки со 34 ученици или вкупно 136 слободни места, во текстилно-кожарска струка имаме 34 слободни места и во хемиско-технолошка струка 25 слободни места. Најмногу интерес на стартот на уписите имаме за гимназиска струка и природно-математичко подрачје, рече Величковска.
Освен во гимназиска насока, дел од учениците кои го искористија своето право за упис во гимназијата, покажаа интерес и за хемиско-технолошка струка.
-Сега завршив деветто одделение и ќе се запишам во гимназијата во Делчево. Ќе се запишам овде, затоа што нашата гимназија ми е најблиску до местото на живеење, а желба ми е да учам во прехранбена струка, рече деветоодделенецот Дејвид Ѓорѓиев.
Уписите како што додадоа од гимназијата се одвиваат согласно протоколите на Комисијата за заразни болести и препораките на Министерството за образование на наука.