Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен предлог против две лица кои се товарат дека сториле тешка кражба, од член 236 став 1 од Кривичниот законик.

Како што денеска соопштија од Јавното обвинителство, обвинетиот 35-годишен скопјанец и обвинетата 25-годишна скопјанка, по претходен договор заеднички влегле во куќа на улицата „Венијамин Мачуковски“ и додека станарите спиеле, од масата во дневната соба одзеле две женски чанти во кои имало пари, банкарски картички и други документи.

– Една од оштетените го затекнала обвинетиот до украдените чанти во раката и вознемирана го прашала што прави, по што тој заедно со неговата соизвршителка се дале во бегство. Веднаш по настанот обвинетата употребила една од украдените картички и извршила вкупно седум трансакции во два маркета, соопштија од Обвинителството.

Како што се наведува во соопштението, неколку дена подоцна, првообвинетиот извршил уште една тешка кражба во стан во зграда на истата улица. Успеал по фасадата на зградата и држачите од олукот да се искачи на висина од 2.5 метри, се прекачил на балконот од станот и преку незаклучената балконска врата влегол внатре. Од дневната соба одзел женска чанта со лични документи и банкарски картички и веднаш го напуштил местото. Една од украдените картички веднаш ја употребил во маркет, реализирајќи две трансакции.

Поради опасност од бегство, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје доставил и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за првообвинетиот.​


Администратор
15/06/2021 15:59