В сабота, со планинарска тура и изложба на 1.620 метри надморска височина, каде што се наоѓа планинарскиот дом „Љуботен“, ќе се одбележат 90 години од изградбата на овој објект.
Планинарскиот дом е изграден 1931 година од тогашното тетовско туристичко друштво „Шар Планина“, сегашен планинарски клуб „Љуботен“, кои се организатори на настанот.
– Изминативе пет години се работеше на целосна реконструкција на бунгаловите околу домот и потпокривот и покривот на објектот. Тие се обновени и домот на тој начин има можности да обезбеди 20 легла во потпокривот. Се разбира и понатаму имаме простор за работа на обновата на другите делови од домот. Идејата ни е да се зачува и автентичноста на домот, како со изгледот на објектот така и со зачувување на дел од инвентарот. На пример, има врати од 1931 година кои со репарација може да користат и понатаму – изјави Јован Божиновски, претседател на ПК „Љуботен“.
Планинарската тура ќе почне во Старо Село, каде што ќе се соберат учесниците. Следува два и пол часа одење пеш до домот, а по пристигнувањето ќе следува разгледување на реновираните капацитети на домот.