И во време на високи технологии и променет начин на живот, сепак производите на вранештичките керамичари одолеваат на новите предизвици и му пркосат на времето, што и повеќето од нив го потврдуваат.

– Иако во изминатите години високите техологии драстично го променија начинот на живот , сепак ние и во овие исклучително тешки времиња егзистираме од грнчарството и им пркосиме на новите предизвици.Можеби интензитетот на работа е намалан, сепак и денес нашите производи се барани на домашниот пазар а, сега како се ближи верскиот празник Духовден ,така нашите производи се многу повеќе барани споредено со останатиот дел од годината, вели Митре Божиноски, еден од ретките грнчари од Вранештица.

Тој единствената егзистенција ја обезбедува од грнчарството, но не планира да се откаже од овој занает, што за него и неговите најблиски живот значи

– Се разбира дека обемот на работа а со тоа и приходите се намалени, но сепак се уште може да се живее од овој занает. Порачки има од повеќе градови во земјава, но не во такви количества како порано. Денес најактуелни се порачките на тави, чаши, кригли, бокали и повеќе видови украсни производи а нешто помалку е барано дулето и грнето, кое сепак за овој празник е најбараниот производ. Можеби од грнчарството неможеш да се збогатиш, но може пристојно да се живее и покрај фактот што овие времиња се далеку од периодот од пред три-четири децении, кога овој занает беше изразито доходовен и тоа беше причината половина село да се занимава со грнчарство, додава мајстор Митре.

За вранештичките грнчари многу се пишувало, се правеле репортажи но никој не ја доживеал нивната мака, кога со своите производи крстареле по сите села и градови во земјава само за да обезбедат средства за живот и од студената глина на ги почуствуваат благодетите на животот.

Тоа го чинат скромните но вредни вранештички неимари, единствени мајстори на гилната и тркалото, препознатливи со својата умешност да создаваат чудески форми и да опстануваат и во време невреме.