Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе истражна постапка против 43-годишен скопјанец, осомничен за кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ согласно член 215 став 1 од Кривичниот законик, и до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување притвор за осомниченото лице.

Како што информираат од ЈО, на 23 јуни на крстосница на булеварот „Србија“, меѓу населбите Аеродром и Ново Лисиче, осомничениот во својот автомобил неовластено држел наркотична дрога – марихуана.

-Договорил продажба на дрогата за сума од 2.400 евра на непознат купувач од Драчево, па со автомобилот се упатил да му ја однесе, кога бил запрен од полициски службеници. Потоа, бил извршен претрес и на неговиот дом во Чаир, каде било пронајдено дополнително количество дрога и дигитална вага со остатоци од марихуана. Вкупно, од автомобилот и домот на осомничениот биле запленети 2.803,53 грама марихуана во повеќе пакувања, наменета за илегална продажба, соопшти ЈО.