Спроведените контроли на сообраќајната полиција на патиштата во Дебарско потврдиле дека возачите сакале да возат побрзо од дозволеното, во населено, но повеќе надвор од населено место.
-Во текот на вчерашниот ден, во периодот од 9:00 до 14:00 часот на подрачјето на Секторот за внатрешни работи – Охрид, а во тие рамки и на подрачјето на Дебарското одделение за внатрешни работи, кое со својата активност ја покрива оваа и општина Центар Жупа, беа реализирани засилени акциски сообраќајни контроли. Притоа, полициските службеници санкционирале 18 возачи на патнички моторни возила кои ја надминале дозволената брзина на движење, изјави Стефан Димоски, портпарол на Секторот за внатрешни работи од Охрид.
Додаде дека пет возачи управувале автомобил со поголема брзина од пропишаната во населено место, додека останатите 13 надвор од населено место.
Исто така, евидентирани се три прекршоци за неносење заштитен шлем, направени од возачи на мотоцикли на кои им се изречени соодветни санкции.
– Целта на контролите е подигнување на сообраќајната култура кај возачите на моторни и други возила, но и на сите учесници во сообраќајот, и доследно почитување на одредбите од Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата. Тие ќе бидат интензивирани во пресрет на туристичката сезона, со цел, подигнување на сообраќајната безбедност и доследно почитување на сообраќајните правила и прописи, посочи Димоски.