Каменичкиот спортист Бошко Стаменковски, кој во изминатите неколку години успешно ја претставува државата во меѓународни рамки во „Пауер лифтинг”, со нов голем успех се враќа од Европскиот шампионат во Бенч-прес, кој викендов се одржа во Одеса, Украина.
Стаменковски на ова натпреварување освои два златни медала, а воедно беше прогласен и за најдобар бенчер, што според него е голем успех со оглед на конкуренцијата на турнирот.
-Европскиот шампионат во Одеса го завршив со освоено прво место во Бенч и освоено прво место во Бенч со повторување со 60 килограми со вкупно 94 повторувања за 5 минути. Поради ова бев прогласен и за релативно најдобар бенчер на првенството, истакна Стаменковски.
Додаде дека следниот период ќе го искористи за настап на вакви и слични турнири во повеќе европски држави.
Големите успеси што ги постигна каменичкиот спортист беа забележани од Македонскиот олимписки комитет со кој годинава има потпишано договор за соработка и финансиска поддршка.