Несекојдневни кражби на кабли и техничка опрема од шахтите на Македонски Телеком зачестено се случуваат во изминатиот период, наведуваат од оваа компанија. Од МВР потврдуваат дека се пријавени вакви случаи на украдени бакарни кабли и друга вредна опрема која се користи за проток на интернет сообраќај, со што директно се причинува прекин на услугата и оти работат на расчистување на случаите.
Кражбите во последниот месец се забележани на повеќе локации во општините Аеродром и Центар, од Транспортниот центар до Младинскиот културен центар „25 мај”, а исто така и во Битола. Досега, вкупно десет кражби, од кои две на улица „Бојмија”, две на булеварот „Јане Сандански” и една на улица „Беласица”, резултираа во сериозни финансиски штети. Сите кражби се пријавени кај надлежните органи и МВР веќе работи на расчистување.
– Работиме на расчистување на случаите и соодветно санкционирање на сторителите, велат од МВР и ги повикуваат граѓаните ако забележат некои сомнителни активности околу шахтите на Телеком, навремено да алармираат за да се спречи понатамошно оштетување и крадење на опремата.
Од Македонски Телеком изјавуваат дека имало најмалку 10 големи оштетувања кои нанеле значителна штета, пред се, прекин на услугите, кај корисници, но и компанијата губи значајна опрема.
– Материјалната штета за санирање на состојбата по кражбите е голема, но вистинскиот губиток и најголема штета од ваквите кражби, освен на компанијата, им се нанесува на афектираните корисници, приватни и деловни, на кои насилно им се прекинати нашите услуги и со тоа неопходните комуникации. Компанијата работи на брзо санирање на штетите и воспоставување на услугите. Исто така, работиме интензивно и на замена инфраструктурата со оптика, со што корисниците ќе добијат побрза и постабилна интернет конекција, велат од компанијата