Роберт – Боб Оденкирк е во стабилна состојба откако вчера паднал на снимањето на „Подобро јавете му се на Сал“ (Better Call Saul) – продолжението на „На лош пат“ (Breaking Bad).

Имено, 58-годишниот глумец итно бил префрлен в болница во Ново Мексико, каде што се снима серијата. Тој се опоравува од засега неодредена болест „поврзана со срцето“ по итното згрижување вчера. Неговото семејство им се заблагодарува на сите за добрите желби, и потврди дека тој е во добро здравје.

Целосната изјава од претставникот на Оденкирк до „Јаху ентертејнмент“ гласи: „Можеме да потврдиме дека Боб е во стабилна состојба откако доживеа инцидент поврзан со срцето. Тој и неговото семејство би сакале да изразат благодарност за неверојатните лекари и медицински сестри кои го чуваа, како и за неговата филмска екипа и продуцентите кои останаа покрај него. Оденкирк, исто така, сака да им се заблагодари на сите за обилните добри желби и побара да му ја почитуваме приватноста во овој миг, додека Боб работи на неговото закрепнување“.

И неговиот син Нејт Оденкирк, на Инстаграм прокоментира: „Ќе биде добро“.

„ТМЗ“, кој прв ја објави веста, известува дека Оденкирк „не бил свесен во раните утрински часови во болницата“, иако сега е свесен.

Во мигов не се знае како неговото закрепнување ќе влијае на снимањето на „Подобро јавете му се на Сал“. Се снима шестата и последна сезона, но поради паузата причинета од пандемијата на коронавирусот, беше предвидено да се емитува во 2022 година.


Администратор
29/07/2021 15:31