Во визијата за третиот владејачки мандат, се очекува премиерот Еди Рама да посвети поголемо внимание на односите Албанија-Косово.

Самиот Рама го кажа ова на синоќешната средба, одржана во палатата на бригадите, со досегашните и новите пратеници од неговата социјалистичка партија.

Рече дека албанските пратеници треба да бидат поприсутни во Собранието на Косово, и обратно, при тоа не заборавајќи да го спомне несогласувањето околу иницијативата „Отворен Балкан”, од страна на политичките личности на Косово.

– Го поседуваме целото искуство за да побараме од самите нас многу поквалитетна јавна комуникација. Ние мора да целиме кон нов квалитет во нашите парламентарни односи со Собранието на Косово. Треба да бидеме поприсутни во Приштина, како пратеници, да разговараме со колегите пратеници таму, да споделуваме мислења и да развиваме идеи во интерес на нашите две земји и ќе ги поканиме да бидат присутни во просториите на Собранието во Тирана. Не е тајна дека работите не одат добро во косовската влада и несогласувањето околу „Отворен Балкан” во меѓувреме добија незаслужена тежина, но Косово е нераскинлив дел од нас и нашата заедничка иднина. Ќе работиме за да имаме што е можно повеќе братски односи, фокусирајќи се на целата таа работа и насоки и трпеливо да се справиме со несогласувањето за оваа иницијатива, рекол Рама.

Според него, „Отворен Балкан” е јасно, праведно и значајно решение за иднината на земјата „бидејќи може да се има корист од многу поголем простор на меѓусебни активности на сите нивоа“.

– „Отворен Балкан“ е јасен, праведен, значаен избор за иднината на оваа земја, каде што колку повеќе комуницираме, толку повеќе ќе имаме корист од многу поширок простор за интеракција на сите нивоа, толку повеќе ќе се развиваме и зајакнуваме и во поглед на нашата европска перспектива. Ќе работиме во секој сектор за да им овозможиме на сите актери во нашата економија да имаат многу поголем простор од година во година, и тогаш сум убеден дека ќе имаме резултати што сами ќе говорат зошто „Отворен Балкан“ работи многу посилно како Албанија и како фактор и во регионот и во Европа, посочил Рама.

Рама уште нагласил дека ќе почне да работи за две други победи, локалните избори во 2023 и парламентрните во 2025 година и дека во новата влада ќе се најдат личности кои го заслужуваат тоа.

Тој не посочи конкретни имиња, освен што кажа дека на функцијата државна министерка за односи со парламентот останува Елса Спиропали а координатор на пратеничката група Таулант Бала.