По втор пат годинава Општина Кочани ќе биде организатор на велосипедската тура „По патеките на оризот“, во рамки на одбележувањето на 22 Септември – Меѓународниот ден без автомобили.
Се очекува на настанот да учествуваат неколку стотини велосипедисти на различна возраст, кои ќе возат на релацијата Кочани – Долни Подлог – Мојанци – Грдовци – Кочани, во должина од 15 километри.
-Стартот на велосипедска тура е закажан за утре, со почеток од 16 часот, од пред зградата на локалната самоуправа на Кочани. На настанот ќе учествуваат љубители на велосипедот, рекреативци, членови на спортски и велосипедски здруженија, а ќе се спроведе по протоколи за организирање јавни настани во услови на пандемија. Бројот на учесници не е ограничен и можат да дојдат сите заинтересирани, под услов да возат велосипед, истакнаа од Секторот за јавни дејнности на Општина Кочани.
Со овој настан Општина Кочани се вклучува во одбележувањето на Европската недела на мобилност и го поттикнува користењето на превозни средства што не ја загадуваат животната средина.
Минатата година во велосипедската прошетка околу оризовите полиња се вклучија над 200 учесници на различна возраст, меѓу кои беа и високи странски дипломатски претставници.