Во Гостивар одбележана кампањата „Напред розово" во организација на Здружението „Борка – за секој нов ден".

Раната дијагноза и поддршката на пациентите во време на пандемија се предуслов успешната борба против ракот, е пораката од членките на здружението „Борка – За секој нов ден" во Гостивар, кои се приклучија кон кампања за борба против рак на дојка „Race for the Cure" – „Напред розово".

Тие организираа пригоден собир во амфитеатарот во градскиот парк и се придружија на уште 16 градови што „Борка" го организираше во соработка со најголемата европска алијанса на пациентски здруженија „Think PinkEurope".

– Изминатава година и половина, Ковид-19 пандемијата предизвика сериозни застои кај третманот на сите останати болести. Сега, можеби повеќе од било кога потребна е нашата поддршка за сите оние кои се соочуваат со ракот на дојка, рече Павлина Тримческа од локалното здружение на Борка.

Таа нагласи дека на овој начин се испраќа порака за важноста на раната дијагноза и поддршката на пациентите во време на корона вирусот како основен предуслов за победа над оваа болест,

На настанот беше посочено дека пациентите болни од рак не смеат да бидат заборавени поради пандемијата и дека секој од нив заслужува персонализиран пристап на терапија, достапност на најсовремените иновативни лекови и навремена терапија.