Телото на 55-годишната жена од велешкото село Сојаклари се уште не е пронајдено. Втор ден се трагаше по неа низводно по реката Вардар до сливот на реката Бабуна.
Портпаролот на СВР Велес, Ристе Самарџиев за МИА најави дека освен полицијата, пожарникарите од Велес и кајакари, според првичните најави истрагата ќе биде засилена и со екипа од Единицата за специјални задачи при МВР, а има најави и за вклучување на екипи од Дирекцијата за заштита и спасување.
-Истрагата продолжува наутро и ќе биде засилена со полициска екипа на Единицата за специјални задачи ЕСЗ, изјави Самарџиев.
Педесет и петгодишната жена на 31 декември во 35 минути по полноќ се фрли од Малото Мовче во реката Вардар во Велес. Во 2 часот по полноќ, 62-годишниот Д.М од Скопје пријавил во СВР Велес дека од домот се оддалечила неговата 55-годишна сестра М.К од велешкото село Сојаклари.