Во јануари годинава, полициските службеници на Секторот за внатрешни работи Тетово-Полициска станица за безбедност на патниот сообраќај Тетово, на поширокото тетовско подрачје, во 29 локални, засилени акциски контроли и редовни активности вкупно откриле и законски санкционирале 1781 прекршок или 174 повеќе во споредба со истиот период лани.

Во јануари, исто така, од сообраќај биле исклучени и 204 возачи, од кои 128 управувале без возачка дозвола, 46 под дејство на алкохол, 17 возачи-почетници кои не се придржувале на законските ограничувања за оваа категорија возачи, и 13 со важечка забрана за управување.

- Во контролните активности, реализирани во текот на минатиот месец, а поради констатирани прекршоци, односно недостатоци, од сообраќај биле исклучени 47 возила, од кои 41 поради истечена регистрација до и над 30 дена, 3 поради утврдена техничка неисправност и исто толку поради претовар. Минатиот месец вкупно била изречена 591 мерка за неприспособена брзина според условите на патот, односно за пребрзо возење, 62 за недавање предност, односно првенство на пешаци и друго, информира портпаролот Марјан Јосифоски,

Во првите 31 ден од 2023 година времено биле одземени шест возила со истечена регистрација повеќе од шест месеци, 67 возачки и 32 сообраќајни дозволи. Тетовската „пајак-служба“ вкупно подигнала 315 непрописно паркирани возила, најмногу во централното подрачје на Тетово.