Во рамки на акциска контрола што полицијата вчера ја спроведе на територијата на Република Македонија за санкционирање возачи кои се движат со брзина поголема од дозволената, санкционирани се 209 возачи. Како што соопшти денеска МВР, од нив пет возачи управувале со возилата со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното. Притоа 121 возач ја пречекорил брзината во населено место, а 88 надвор од населено место. Од МВР најавуваат дека сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за заеднички придонес за побезбедни патишта.