Одделението за внатрешни работи од Кочани минатата година евидентирало вкупно 44 кривични дела чии сторители биле малолетни лица, што е намалување за над 40 отсто во споредба со претходниот едногодишен период.

Околу 85 отсто од откриените кривични дела што ги извршиле деца и постари малолетници се кражби и тешки кражби, во два случаја имало насилство врз друго малолетно лице, а по еден случај е употреба на исправа со невистинита содржина, прикривање и измачување животни.

- Најголемиот број на деца извршители на кривични дела во текот на 2022 година се од ромска популација и најчесто се повторници во извршување на криминалните постапки. Девет деца се сторители на две или повеќе кривични дела, а од нив шест се под четиринесетгодишна возраст. При извршувањето на кражбите тие користеле сила, совладувале препреки или на друг начин насилно дејствувале врз објектите кај кои се извршени кражбите. Карактеристично е што во извештајниот период има пораст на бројот на сторители на возраст под 14 години, се истакнува во писмената информација од Одделението за внатрешни работи - Кочани.

Кај нарушувањето на јавниот ред и мир и безбедноста во сообраќајот, минатата година на територијата на општина Кочани не се регистрирани промени во бројот на малолетници. Тројца од нив учествувале во тепачки, а 18 го прекршиле Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата, односно управувале моторно возило без возачка дозвола, возеле мопед без заштитен шлем или немале возачка потврда. При акциските контроли за спречување на присуство на малолетници во угостителски објекти после полноќ, полициските службеници откриле четири прекршоци.

Заради поефикасно превентивно дејствување и спречување на девијантните однесување кај децата, полицијата до Центарот за социјални работи во Кочани испратила барања за постапување и преземање заеднички законски мерки против 21 малолетен престапник.