Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во гостувањето во емисијата Детектор истакна дека Преспанскиот договор и Договорот со Бугарија се лоши договори за Македонија. Македонија промени Устав за да промени име, што е една трајна штета за македонскиот национален идентитет. И никој не може да каже дека и ова е добро.
Исто така тој потсети дека никој не гарантира дека Бугарија нема да стави вето после шест месеци откако се направат уставни измени.
„Јас мислам дека политиката на Бугарија е јасна, кристална јасна тие гледаат во се да најдат проблем. Од еден Пендиков направија проблем, од влегување или не влегување на било кој бугарски граѓанин во Македонија прават проблем“, рече Николоски.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ укажа дека Македонија има проблем со најслабата земја членка на ЕУ. Македонија нема проблем со најсилната земја членка на ЕУ.
„Клучната причина зашто не ја притискаат Бугарија е затоа што неколку големи земји членки на ЕУ, тука веднаш да кажам не мислам на Германија, мислат дека Македонија не е спремна да почне преговори пред се заради состојбата со владеење на правото и борбата со организираниот криминал и корупција. И Бугарија им доаѓа како добар изговор“, појасни Николоски.
Тој рече ако другите земји членки мислат дека Македонија заслужува преговори и нема проблем со владеење на право и справување со организираниот криминал и корупција, тие ќе го решат проблемот со Бугарија за едно попладне.
„Македонија не е спремна да отпочне преговори и тука треба да сме јасни и чесни пред македонската јавност“, нагласи Николоски.