Во однос на јазикот, треба да бидеме јасни пред јавноста и да кажеме дека Бугарија не вели дека тој не се вика македонски јазик, туку официјална Софија вели дека тој е јазична форма или кодирана форма на бугарскиот јазик како дијалект а тоа стои во едностраната декларација која Бугарија ја испрати до Европската Унија. Всушност тоа е суштината на проблемот, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски при гостувањето во емисијата Детектор на Сител Телевизија.т

Тој додаде дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ е многу јасен и дека никогаш нема да прифатат дека македонскиот народ и јазик се бугарски и дека македонската историја е бугарска.

- Европската Унија е врвот на демократијата и оттука секогаш постои начин да се најде решение за интеграцијата на земјата во оваа Унија. Не се согласувам дека Македонија треба да прифати дека македонскиот народ е ист со бугарскиот народ, дека корените му се бугарски, дека јазикот е дијалект на бугарскиот и дека има бугарска историја. Тие работи нема никогаш да ги прифатиме по ниедна цена, вели Николоски