Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO) и канцелариите на Фондацијата Фридрих Еберт (ФЕС) и Фондацијата Конрад Аденауер (КАС) во Скопје, организираа тридневна обука на тема „Зајакнување на капацитетите на партиските подмладоци 2023“која се одржa од 09 – 11 јуни 2023 година во Охрид.

Обуката „Зајакнување на капацитетите на партиските подмладоци 2023“ се организираше втора година по ред и има за цел да ги зајакне капацитетите за практични вештини потребни за ефективно креирање политики на подмладоците на политичките партии.

Имплементацијата на оваа обука е тесно поврзана со мисијата и визијата на RYCO, усогласена со експертизата и целите на ФЕС и КАС и има за цел да поттикне активна соработка меѓу младите како основа за понатамошен локален и регионален развој. Учесници на обуката беа претставници од подмладоците на политичките партии кои имаат пратеници во Клубот за младински прашања и политики на Собранието.

За време на отворањето на обуката, поздравно обраќање имаа Шерифе Исмаили, Програмски офицер на локалната канцеларија при Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO); Ваљон Садики, Програмски координатор на Фондацијата Фридрих Еберт и Давор Пашоски, Програмски менаџер на Фондацијата Конрад Аденауер.

Тренинг сесиите ги опфатија модулите за приоритетите и препораките на подмладоците на политичките партии за подобрување на имплементацијата на Законот за младинско учество и младински политики, заложби за подобра иднина на младите, улогата на медиумите и политичарите во создавањето на информирано гласачко тело, ефектот на домино и уништување на пазарот на квалитетни информации.

Понатаму, последниот ден од обуката беше посветен на панел дискусија со претседателите и други претставници од највисоките раководства на подмладоците на политичките партии, каде учесниците имаа можност да разговараат за унапредување на политиките за младинско учество и меѓусебна соработка.

Како клучен резултат од обуката беше изработката на Заедничката декларација на подмладоците на политичките партии како механизам за зголемено младинско учество и соработка. Заедничката декларација кога ќе биде финализирана ќе биде потпишана од претседателите на подмладокот на политичките партии вклучени во нејзиниот развој, што обезбедува посветеност на подмаладоците на политичките партии за силна поддршка на процесот на унапредување на младинските политики во Северна Македонија.