Во рамки на оперативниот план „Безбедно лето“ синоќа и претходната вечер во периодот од 22.00 до 04.00 часот, полициски службеници од СВР Скопје во содејство со инспектори од Управата за јавни приходи, Државниот пазарен инспекторат и Државниот инспекторат за труд, спровеле акциски контроли во угостителски објекти на подрачјето на Скопје.
Во рамки на контролата, соопштија денеска од МВР, во еден угостителски објект на подрачјето на Аеродром биле констатирани неправилности од страна на УЈП согласно Законот за регистрирање на готовинско плаќање, додека трудовата инспекција утврдила непријавени работници во објектот. За констатираните неправилности, ќе бидат изречени санкции. Во друг угостителски објект на подрачјето на Аеродром, се додава во соопштението, констатиран е прекршок во врска со присуство на малолетник по полноќ и ќе следува соодветна санкција.
- При контролата во угостителски објекти во Градскиот парк, во два од нив УЈП констатира неправилности од Закон за регистрирање на готовинско плаќање, недостатоци се утврдени и од страна на пазарната и трудовата инспекција, за кои се дадени соодветни задолженија за правните лица, информираа од денеска од МВР.
Инаку, на социјалните мрежи, денеска осамнаа низа негативни реакции за овие акции на МВР пред се поради големиот број на вооружени лица кои упаднале во скопските дискотеки.
- Тоа што се случи синоќа во дискотека "PURE" го нема најверојатно никаде во светот. Државичкава ни се испразни, млади нема ни за лек, дефицит од секаков аспект...а полиција тренира строгочу и на овие малку што останаа. Да влезеш во дискотека со 50 наоружени и униформирани лица, при тоа надвор да чекаат уште толку, да гасиш музика од 00:30ч до 2:15ч и сите да ќутат и да чекаат полицијата да си ја заврши "работата", а платиле карта да се забавуваат, е безмалку репресија и заплашување какво што сигурен сум дека на други места не се демонстрира. Еееј странци воодушевени од дискотеката, го фалат диското дека е со најјак stage и влагаат 50 плавци да изиграваат кловнови. Како да им објасниш на луѓево дека рутински било тоа, а не е акција за антитероризам како што изгледа? Сивило владее во сите сфери на општеството, апатија вклучена на најјако...не знам кој уште сака да биде тука и да го трпи сево ова. Неиздржливо е и мизерно. Ја однесовте државава со се партали, натанкиравте породично благо за десет поколенија и правите театар за мачкање очи, као вие водите држава нешто. Свесно го уништувате животот на секој млад човек. И за тоа сте директно виновни. Ќе треба и еден ден да кажете зошто ја украдовте младоста на илјадници млади перспективни момци и девојки. Или ќе се дигнеме сите за да опстоиме или гасете светло и да си бегаме. Ова не се трпи веќе. Брука! Брука белосветска!, стои во еден од коментарите.