- На автопатот Гевгелија – Скопје, во близина на наплатна станица Смоквица, вчера околу 11:20 часот полициски службеници од Мобилната единица за компензаторни мерки при Одделот за гранични работи и миграции во Биро за јавна безбедност го лишиле од слобода Д.Ц.(44) од Виница. При преглед во товарно возило „цитроен џампер“ со скопски регистарски ознаки, кое го управувал, биле пронајдени 20 мигранти, 19 од Сирија и еден од Ирак, меѓу кои четири малолетници.
Како што информира МВР, тој претходно не застанал на знак за запирање даден од полициските службеници, продолжил со движење и со возилото скршил рампа на наплатната станица, по што скокнал од возилото и го напуштил местото.
-Набргу, по преземени мерки, Д.Ц. бил пронајден и лишен од слобода. Тој бил задржан во полициска станица и во консултација со јавен обвинител против него ќе биде поднесена соодветна пријава, а мигрантите биле сместени во прифатен центар за странци во Скопје, соопшти МВР.