Командирот на Полициска станица за безбедност на патниот сообраќај во Тетово, Зоран Талев оценува дека 2023-та година може да се прогласи за најбезбедна со оглед дека лани имало само една човечка жртва, а претходните години имало многу повеќе. Сепак, повторува дека пребрзото возење и понатаму останува најчеста причина за сообраќајки, како и за казнети возачи.

- На полето на безбедноста на сообраќајот можам да кажам дека е една од најбезбедните години во изминатиот години наназад и можеме да кажеме дека изминатата 2023 година ја завршивме само со една жртва во сообраќајот за разлика од претходните години кога имавме 4, 8, 12 и така натаму. Сето ова се должи на упорната работа, на пожртвуваноста на оваа полициска станица и полицајците кои несебично го дадоа својот труд за да се постигне она што се постигна. Можам слободно да кажам дека мерките кои континуирани ги преземаме во изминатиот период дадоа резултат и сè уште даваат резултати кои се видливи, изјави Талев на денешната прес-конференција.

Иако има само една жртва, за безбедност во сообраќајот според командирот има повеќе причинско-последични врски, па така и понатаму најчест фактор е пребрзото возење.

- Број еден ни е брзината, неприлагодена брзина, и тука ни се најголемите мерки преземени во изминатиот период. Имаме околу 7400 прекршоци за брзо возење во што е импозантна бројка. Креирањето на сообраќајната култура зависи од сите нас, не е само на полицијата со казни да создава култура со репресија. Треба сите да влијаеме на тоа, сите општествено одговорни фактори, а правните лица за одржување на патиштата за изградба на инфраструктура треба да посветат малку поголема влијание, посочи Талев.

Во 2023 година имало 856 сообраќајни незгоди, а освен една жртва имало и тешко повредени 13 возачи, 19 патници, 17 пешаци и 18 мотоциклисти и велосипедисти. Во 2022 година имало 805 сообраќајни несреќи со вкупно 8 човечки жртви, а тешко повредени биле 13 возачи, 14 патници, 25 пешаци и 12 мотоциклисти и велосипедисти.

- Слободно можам да кажам дека најранлива категорија се пешаците. Ние континуирано преземаме мерки кон возачи коишто не ги почитуваат правила во сообраќајот. Не пропуштаат пешаци на пешачки премин и не внимаваат на светлосно-сигнални уреди, рече Талев.

Единствената жртва е 18 годишен возач кој на 2 октомври 2023 година на регионалниот пат Пирок-Тетово, во тетовско Долно Палчиште, со патничко моторно возило „БМВ“ излетал од коловоз и удрил во столб и го изгубил животот од здобиените повреди.