Во посета на Бигорската свештена oбител денеска беа амбасадорите на пет пријателски држави, на Албанија Денион Меидани, на Италија Паоло Палминтери, на Унгарија Андраш Клеин, на Чешката Република Јарослав Лудва и амбасадорот на Кралството Шпанија Рафаел Соријано Ортиз, објави Бигорски манастир.
- Со благослов на нашиот старец и игумен, Неговото Преосвештенство, епископ Антаниски г. Партениј, високо ценетите гости беа пречекани од економот на манастирот, архимандритот Доситеј. Тој им приреди топло добредојде, запознавајќи ги со богатата историја, духовното значење и културното наследство на ова наше илјадалетно светилиште, додаваат од манастирот.
На средбата разговарале за актуелните предизвици и животот во манастирот, како и за неговата улога како духовен центар кој го негува духот на меѓу културното сопостоење.
Амбасадорите ја изразија својата восхитеност од убавината на Обителта, од нејзината повеќестрана мисија, како и од гостопримството на монашкото братство.
- Оваа средба беше уште еден показател за континуираниот интерес и почитта што меѓународната дипломатска заедница ја има кон Бигорскиот Манастир како едно од најзначајните духовни и културни средишта во регионот, оценуваат од манастирот.
Странските дипломати денеска беа во посета и на општина Дебар, при што по средбата со градоначалникот Хекуран Дука и неговите соработници, го посетија градскиот етно музеј.