Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска по посетата на Општина Тетово и разговорот со градоначалникот Биљал Касами најави дека од понеделник ќе почне поголема полициска поддршка на „пајак“ службата, со цел да се намали сообраќајниот метеж низ главните градски сообраќајници. Тошковски рече дека овој план е ад-хок решение, пред воспоставување на системот „Безбеден град“ каде со камери ќе се откриваат и казнуваат сообраќајни прекршоци, во чија прва фаза е и Тетово.

Според министерот, целта е превенција и функционалност на сообраќајниците во Тетово, бидејќи градот е нефункционален во делот на проток на возилата по главните сообраќајници.

- Морам да истакнам дека она коешто го констатиравме е дека како и секаде низ Македонија и во градот Тетово, имаме голем број на проблеми со погрешно запирање и погрешно паркирање на возилата, особено на главните сообраќајници. Најавувам засилени полициски контроли и засилени полициски проверки во соработка со „пајак“ службата којашто ја има Општина Тетово во делот на сите клучни и витални сообраќајници во рамки на Општина Тетово. Со намера ова го објавуваме превентивно еве за време на викенд, кога претпоставуваме дека ќе стигне оваа порака до секој еден тетовчанец заради тоа што нашата цел не е казнување како репресија, истакна Тошковски.

Градоначалникот на Тетово Биљал Касами, истакна дека се разговарало за неколку работи и се надева дека со законските решенија ќе ги реши проблемите во градот Тетово, а тоа е ослободување на јавните површини и сообраќајници.

- Разговаравме во рамките на измените на законот и во рамки на проектот „Безбеден град“ да се инкорпорираат и неколку законски решенија со кои долгорочно ќе го решиме проблемот со блокираните јавни површини во делот јавни патишта и тротоари од несовесните шофери кои паркираат, каде што не им е местото. Исто така, разговаравме долгорочно и за други прашања кои се од важност за нашите сограѓани, во делот на тоа што е заедничка надлежност меѓу Министерството за внатрешни работи и Општина Тетово, рече Касами.

Министерот Тошковски воедно информираше дека направиле споредба на состојбите во сообраќајот за првите два месеци со оние од минатата година.

- Бројките коишто ги имаме компаративно овие два месеци споредено со бројките од 2024 година се позитивни. Со засилени полициски контроли коишто ги имаме воспоставено последниве два месеци, бројот на констатирани сообраќајни прекршоци е зголемен од една страна, но од друга страна бројот на сообраќајни незгоди коишто се случени со тешки телесни повреди е намален за повеќе од 50 посто, а исто така драстично е намален и бројот на сообраќајни незгоди коишто се настанати, а притоа имаме телесни повреди констатирано кај учесниците во сообраќајот“, рече Тошковски.

Тој изрази уверување дека на долгорочен план со имплементација на системот „Безбеден град“ ќе се надмине сообраќајната некултура.