Со претставување на обичајот за Велики поклади – Прочка, амкање јајце, во центарот на Прилеп пред платото кај Градскиот саат, и со посетата на „Прилепските мечкари“ на касапниците во градот, во Прилеп втор ден продолжија карневалските свечености за „Прочка 2025“.

Здружението на жени „Преродба“ пред бројните граѓани, втора година по ред, го претстави обијачјот- амкање, на радост на младите.

-Ја имаме семејната традиција на Прочка- амкање јајце. На семејната вечера утре на Прочка, со мазник, со сирење, зашто е сирна недела, и со варени јајца се канат помладите. Тој адет е на радост на децата, а ние денес пред прилепчани го претставивме. На подолг дрвен стап на кој е заврзан конец се ниша вареното јајце, а децата со отворени усти се обидуваат да го загризат. Значењето е во тоа што тоа е последна мрсна недела до Велигден. На Прочка се затнува устата со бело јајце (излупено, варено), а се вели дека на Велигден, устата се отвора со црвеното јајце, објаснува Јелица Вучетиќ од Здружението „Преродба“ од Прилеп.

На прочка е и најголемиот адет, простувањето на гревовите, направени преку целата година.

-Во Прилеп, за Прочка, адет е повозрасните да ги поканат младите на ручек. Ова е „Сирна недела“, се готват јадења од млечни производи и риба, а попладнето на Прочка младите се кај повозрасните на проштевање и на адетот – амкање јајце, вели Ленче Спиркоска од прилепското здружение на жени „Преродба“.

Карневалските свечености во Прилеп почнаа вчера со традиционалната изложба на преку 800 маски во Центарот за култура „Марко Цепенков“, продолжија денеска со веселата атмосфера во градот и шетањето на Мечкарите да ги поканат касапите на Прочка, а утре напладне на плоштадот „Методија Андонов Ченто“ е централниот Карневал – дефилето на преку 600 маскирани, предводени од заштитната маска на прилепскиот карневал – Прилепските мечкари