Под мото „Поттикни акција“ Општина Велес во соработка со велешките средни училишта денеска организираше Марш за подигнување на свеста во пресрет на Меѓународниот ден на жената 8 Март, на кој велешките средношколци носеа рачно испишани пароли, кои тие ги напишаа за жените и се движеа по главна улица „Благој Ѓорев“ на потегот од кружниот тек „Авона“ до Гимназијата, каде на кратко застанаа и гласно изговараа пораки за жените и нивните права.

Оттаму учениците предводени од градоначалникот Марко Колев и професорките се упатија во Младинскиот парк каде се одржа и музичка програма каде со популарни македонски и светски евергрини настапија велешките средношколки. Воедно учениците и присутните на ливчиња испишуваа пораки за 8 Март и жените го потоа ги закачија на врвки на металната конструкција во Младинскиот парк.

Александра Андреева од Општина Велес, за медиумите изјави дека овој марш беше организиран со цел за подигнување на свеста за значењето на 8 Март и затоа и се одржа под мотото „Поттикни акција“.

-Не е само 8 Март еден ден во годината кога ние жените треба да се бориме за еманципација и да го имаме заслуженото место во општеството, туку секој ден треба да е таков.Затоа ние од Општина Велес заедно со средношколците кои се нашата иднина го направивме овој 8 -мо Мартовски Средношколски марш за сите нас заедно како и досега и понатаму да продолжиме да се бориме за своите права, порача Андреева.