Мирче Ѓоргоски е новиот командант на Командата за операции. Денеска во кумановската касарна „Боро Менков“ беше извршено примопредавање на командантската должност од досегашниот командант Бесник Емини и новиот Ѓоргоски.
На воената свеченост пред припадниците на единиците се обрати началникот на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија, генерал-мајор Сашко Лафчиски се заблагодари на досегашниот командант професионалното командување и раководење, истовремено изразувајќи уверување дека новопоставениот командант со своето искуство и војничка кариера ќе продолжи со успех да ја води Командата за операции.
- Да се биде на чело на оваа команда е вистински предизвик, огромна привилегија и чест која носи огромна одговорност, затоа преку чинот на предавањето на военото знаме на новиот командант-бригадниот генерал Ѓоргоски ќе му ја доверам привилегијата, но во исто време и одговорноста за раководењето и командувањето со ова е исклучително важна команда. Генералот Ѓоргоски ја презема командата за операции во исклучително важен период. Период којшто треба со успех да ја заокружи трансформацијата и модернизацијата на командата и единиците потчинети на неа, период кој подразбира излегување од комфорната зона и максимално посветување кон зајакнување на капацитетите и способностите на единицата. Период во којшто борбената готовност ќе се подигне на рамниште потребно за беспрекорно извршување на мисијата и поставените задачи период во кој мораме да ги апострофираме нашите силни страни, да ги адресираме нашите предизвик и да се подготвиме за променливата платформа на глобалната безбедност и предизвиците на 21 век, рече Лафчиски.
Како што истакна началникот на ГШ, целта останува-создавање на модерна агилна и технолошки напред на армија кога може ефективно да ја браните татковината и да придонесе за исполнување на обврските кои произлегуваат од членството во НАТО алијансата.
Пред присутните беше прочитан указот на претседателот на Република Северна Македонија и врховен командант на Армијата, Гордана Силјановска Давкова за поставувањата на командна позиција. Бригадниот генерал Ѓоргоски досега ја извршуваше должноста началник на штаб во Командата за операции, веќе раководи со најголемата оперативна команда во Армијата на Република Северна Македонија.
Новопоставениот командант, Ѓоргоски, во обраќање се заблагодари за довербата, му одаде признание на досегашниот командант и најави дел од приоритетните задачи кои што следуваат, вклучително и модернизацијата на Армијата, која е најголема во историјата на армијата и бара максимално ангажирање.
- Сакам да нагласам дека за мене, застанувањето на чело на Командата за операции претставува силен императив да продолжам по патот на успехот, силната посветеност и професионализмот кој се вградени и вкоренети повеќе од три децении од сите мои претходници на ова место-команданти на командата на копнената војска, здружената оперативна команда и командата за операции на кои им изразувам благодарност за се што ни оставиле во наследство. Ефикасноста во командувањето и контролата со починатите единици, реализација на модерна обука со персоналот како и долгогодишната примена на високите стандарди на НАТО во штабното работење кои се потпира Генералштабот на армијата. Затоа користам прилика на сите генерации припадници на армијата кои биле дел од оваа команда да им оддадам признание за нивната посветеност, професионализмот и упорноста во извршувањето на сложените задачи, но и во изградбата на капацитетите со кои денес командата располага. Денешната генерација на старешини кои се дел од командата за операции се горди на својата работа и на постигнатите успеси, горди се на нашето петгодишно членство во НАТО алијансата за која во голема мерка и самите имаат дадено не така скромен придонес, но пред сè се горди, на ефикасноста и успешното извршување на задачите, рече Ѓоргоски.
Бригадниот генерал Мирче Ѓоргоски во својата кариера извршувал повеќе командни и штабни должности и тоа: командир, заменик на командант, офицер за протокол во кабинетот на директорот на ГШ на АРМ, командант во Воената Академија, офицер за планови, началник на Канцеларија за односи со јавноста и портпарол на ГШ на АРМ, аѓутант на Врховниот командант, командант на 1. механизирана пешадиска бригада и началник на Штаб во КО.
Бригаден генерал Бесник Емини во понатамошниот период ќе извршува должности во Министерството за одбрана-државен советник за политика и планирање во Директоратот за политика и планирање, кризен менаџмент и цивилно-воена соработка во Министерството за одбрана. Тој во текот на воената кариера пак извршувал повеќе командантски и штабни должности, меѓу кои и командант на ренџерскиот баталјон, како и началник на штаб во КО, и командант на 1. пешадиска бригада, а претходната должност, командант на КО ја извршуваше од 2021 година.
Емини во обраќањето пред присутните се заблагодари на колегите, ГШ за досегашната поддршка и му посака успех на новиот командант.
- Командата за операција ја предавам на бригаден генерал Мирче Ѓоргоски кој е еден од најблиските луѓе кои соработував во минатото, еден од најуспешните команданти, не се сомневам дека ќе ве води во нови достигнувања и победи, кажа Емини.
На воената свеченост покрај началникот на Генералштабот присуствуваат Лафчиски присуствуваа и заменикот на началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин, директорот на Генералштабот, бригаден генерал Орце Јордев, генерали во Армијата, пензионирани генерали, поранешни команданти на командата, командантот на мултинационалната бригада на Југоисточна Европа (СЕЕБРИГ), воено-дипломатскиот кор, градоначалникот на Куманово, Максим Димитриески, претставници од локалните власти.
Командата за операции е најголема команда на оперативно рамниште чија мисија е подготовка на конвенционалните копнени и воздухопловни сили на Армијата за одбрана и заштита на територијалниот интегритет и независноста на државата.