Верниците од православна веросиповед во пресрет на големиот празник Велигден изработија Велигденско јајце со висина од 2,3 метри и го поставија во дворот од тетовската црква Свети Кирил и Методиј.
Во двор од една куќа се работело јајцето, кое денеска со помош на камион со дигалка (кран) беше донесено и внесено во дворот од црквата Свети Кирил и Методиј.
-Користени се материјали како стиропор и гипс, од она што го имавме дома и се изработи јајцето во висина од два метри и 30 сантиметри и обем од 160 сантиметри, велат верниците од тетовските населби Певчина, Два Бреста и Поток.
Старешината на храмот отец Александар Стојановски објасанува дека во православието, јајцето го симболизира животот.
-Кога пилињата коишто се во јајцето ќе ги искршат корупките на јајцето, тие излегуваат, односно се раѓа живот, а исто така и Господ Исус Христос којшто бил 3 дена во гробот ја искршил гробната плоча. Така Ги победил и скршил гробните врати, излегол, како што пилето излегува од јајцето и затоа јајцето е симбол на живот, вели отец Стојановски.
Верниците по носењето на големото јајце пристапија и кон одредени поправки поради оштетувањата при транспортот. На јајцето е напишан и торжествениот поздрав Христос Воскресе, а ќе се нацрта и христијанскиот симбол крстот.