Во просториите на Викимедија МКД во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје, вчера се одржа официјалното доделување на наградите и сертификатите за најуспешните учесници од уредувачкиот натпревар „Запознајте ја Словенија“. Амбасадорот на Република Словенија, Грегор Прескер ги врачи наградите и сертификатите на петтемина најуспешни уредувачи.
Добитниците на награди се Емилија Добрева, Горазд Војнески, Михаил Милевски од СУГС Гимназија „Јосип Броз”-Скопје и Димитар Костадинов и Марко Тенев од СОУ „Коле Нехтенин”-Штип, информира денеска за МИА, Бојан Велковски менаџер за комуникации на Викимедија МКД.
Тој потенцира дека амбасадорот Прескер во своето обраќање ја нагласил важноста на дигиталната писменост, слободниот пристап до информации и заедничкото градење мостови меѓу културите преку соработка и знаење. Велковски исто така ја изразил благодарноста за заложбите на уредувачката заедница и поддршката од Викимедија МКД.
Уредувачкиот маратон „Запознајте ја Словенија“ се одржуваше од 1 февруари 2025 до 28 февруари 2025. Проектот беше во организација на Здружението Викимедија МКД во соработка со Словенечки центар – Скопје, поддржан од Амбасадата на Република Словенија во Скопје. Како што појасни Велковски, главната цел беше да се намали недостатокот на содржини поврзани со Словенија на Википедија на македонски јазик.
На настанот присуствуваа добитниците на награди, претставници од Викимедија МКД, претставници од Словенечки центар-Скопје и претставници од амбасадата на Република Словенија во Скопје.
Како што информира за МИА, Снежана Штрковска извршен директор на Викимедија МКД, досега, од ваков тип на уредувачки натпревари имаат успешно реализирани за Унгарија, Русија, Германија, Шведска, Србија, а во соработка со Амбасадите на овие држави во Скопје.
- Во иднина очекуваме уште многу натпревари од ваков тип за различни земји и култури, најави Штрковска.