Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и ЈП Службен весник на Република Северна Македонија потпишаа Меморандум за соработка со кој се воспоставува партнерство насочено кон подобрување на пристапот до правни информации и унапредување на информирањето во јавен интерес.

Како што информираат од ЗНМ, преку соработката членовите на ЗНМ ќе добијат бесплатен пристап до сите релевантни закони, подзаконски акти и правни документи преку мобилната апликација на ЈП Службен весник на РСМ – овозможувајќи им постојан и лесен пристап, без разлика на времето и местото.

Иницијативата има за цел да ја зголеми правната транспарентност и да придонесе за повисок квалитет и професионализам во новинарското известување.

– Новинарите имаат право и обврска да ги информираат граѓаните точно, навремено и со интегритет. Овој меморандум претставува значаен чекор во таа насока, бидејќи пристапот до точни и проверени правни информации и консолидирани законски текстови е суштински за добро информирани граѓани, вели претседателот на ЗНМ Младен Чадиковски.

Директорот на ЈП Службен весник на Република Северна Македонија Владимир Кроневски истакнал дека оваа соработка е пример за функционално партнерство помеѓу институциите и медиумската заедница во насока на зголемување на транспарентноста и унапредување на демократските процеси во општеството.

– Овој Меморандум е конкретен чекор за поддршка на медиумите во нивната клучна улога – да информираат, анализираат и поставуваат прашања од јавен интерес. Веруваме дека со оваа алатка, новинарите ќе имаат уште посигурна основа за својата работа, истакнал Кроневски.

Во сооптшението се наведува дека оваа иницијатива е произлезена од барањата на новинарите, доставени до Здружението на новинарите на Македонија.