Велигденска креативна работилница денеска беше организирана во Културно-информативниот центар (КИЦ) во Белград каде деца изработуваа велигденски честитки и украсуваа велигденски јајца што ќе бидат подарени на секое од лицата кои се лекуваат од пожарот во Кочани во главниот град на Србија, јави дописникот на МИА од Белград.

На креативната работилница учествуваа десетина деца од претшколска и школска возраст под менторство на м-р Ирена Ѓукиќ. Тие на свој детски искрен начин изработија велигденски честитки и украсија велигденски јајца што ќе им бидат дадени на пациентите кои се во болници во Белград.

„За да се зачува негувањето на традицијата и да се создаде емпатија кај децата, денеска органзиравме велигденска креативна работлница на која наши млади Македончиња од школска и претшколска возраст се вклучија во акцијата 'Создаваме и креираме велигденски подарок' за повредените од трагедијата во Кочани кои се уште се на лекување во болници во Белград. Ова беше исклучително креативен чин на создавање честитки со искрени велигденски пораки како што само младите деца знаат од срце да честитаат. Со украсување велигденски јајца овие деца на некој начин ја креираат и зачувуваат традицијата на нивните мајки и баби - да се учат на создавање емпатија кон блиските и кон Македонија“, изјави за МИА Васко Шутаров, директор на Македонскиот КИЦ во Белград.

Настанот го организираше Македонскиот КИЦ во Белград и Националниот совет на Македонците во Србија.