Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) Коце Трајановски и градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски денеска извршија увид во градежните активности на регионалниот пат Р1104 Куманово транзит-улицата „Никола Тесла“. Овој пат го поврзува Куманово со Граничниот премин Табановце и со селата од општина Куманово кон северната граница. За реконструкција на овој пат одвоени се над 20 милиони денари.
- ЈПДП активно работи на обнова и реконструкција на државните патишта, автопатиштата, магистралите, експресните патишта, но не се заборавени ниту регионалните патишта. Еден од тие е и овој регионален пат „Никола Тесла“ чијашто рехабилитација почна вчера. Рехабилитацијата ќе биде во должина од 1.400 метри, со променлива ширина од 6, 5 до 9 метри или вкупна асфалтна површина од 10.000 метри квадратни. Вкупна инвестиција преку ЈПДП е 20 милиони денари, изјави директорот на претпријатието, Трајановски.
Тој најави дека во Кумановско, веќе е почната реконструкција на патот Бељаковце-Клечовце во вредност од 35 милиони денари. По завршувањето на двата регионални патишта ќе почне реконструкција на патот од Пчиња до Вакв.
- Вкупната инвестиција на ЈПДП во Куманово ќе биде 85 милиони денари. ЈПДП за реконструкција на овие регионални патишта во рамки на програмата за 2025-та, а во договор со ЈП „Македонија пат“ има планирано 700 милиони денари оваа година за реконструкција и рехабилитација на регионалните патишта. Се трудиме во секоја општина, каде што е најкритично во соработка со градоначалниците да видиме кои се најприоритетните за оваа година. Останатите ќе бидат наредна година, освен тоа имаме и надзор кој ни даваат свое мислење и стручните служби од претпријатието. Овој патен правец е значаен за Куманово и затоа во соработка со градоначалникот и општината е ставен како приоритет за реконструкција, изјави Трајановски.
Средствата за рехабилитација на регионалните патни правци во единиците на локалната самоуправа се издвојуваат од буџетот на ЈПДП, а активностите се изведуваат преку договорот со Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта (Македонија пат).
Градоначачникот на Куманово, Димитриевски се заблагодари на поддршката од Владата, ЈПДП, за реконструкцијата на патот и решавање на деценискиот проблем.
- Претходно, на оваа траса во соработка со Министерство за транспорт и врски се реинвестираше и комплетно го реконструира во делот на оваа траса водоснабдувањето и системот, а дополнително се надевам во иднина дека со заеднички сили ќе најдеме начин да ја изградиме целосната траса која од овде тргнува, па завршува се до стариот граничен премин со Р. Србија накај село Табановце, изјави Димитриевски.
Кумановскиот градоначалник посочи дека водоснабдителниот систем не е предаден на „Водовод“ Куманово поради одредени технички недостатоци.
- Тоа е комплетна надлежност на Министерството за транспорт и врски, надзорот е нивен, но работиме на тоа, иако истиот делумно функционира да се стави во целост во функција. Но, оваа траса на која работиме е независна на ова што сега работиме, изјави Димитриевски.
Општина Куманово ќе излезе во пресрет на барањата на граѓаните за изградба на тротоар од едната страна на улицата „Никола Тесла“, нагласи Димитриевски, одговарајќи на прашања од новинарите, бидејќи тука се наоѓа и средно училиште и раздвиженоста е голема, но дополни дека ќе биде вградено во идната развојна програма на општината, која нарачала изработка на техничка документација.
Во однос на локалните приоритети за Куманово, Димитриевски најави изградба на кружен тек на крстосницата „Октомвриска револуција“ и „Доне Божинов“, ентериерно уредување на спортската сала, технички прием за објектот, како и санации на улици и училишта.
Што се однесува за пазарот за стари работи, кој инаку се води како добиточен пазар, тој ќе се префрли во близина на спортскиот аеродром Аџитепе.
На увидот присуствуваа пратениците Бране Петрушевски и Даниел Стојчевски, директорот на Царина, Бобан Николовски и претставници на локалната власт