Во Куманово во близина на гимназијата „Гоце Делчев“, наредната недела ќе се одржи седмиот по ред „Графити фест“, информираа денеска организаторите од здружението „Форма“. Меѓународниот фестивал обединува уметници, цртачи на графити и мурали од земјава и Европа.

-Фестивалот ќе се одржи од 7 до 10 мај. Ќе учествуваат македонски, уметници од Балканот, но и од Германија, Италија, Шпанија, Грција, Полска европски држави. И годинава им оставаме простор самите да одберат што ќе цртаат, изјави Дејвид Стоилковски од здружението.

Цртачите ќе цртаат на слободна тема на површини во урбаната заедница. Шаренилото од бои и контрасти ќе го разбие сивилото во градот, сметаат организаторите кои се обидуваат на секој начин да го разубават градот и да поттикнат да се развие оваа современа уметност и дел од урбаната култура.

Горан Стојанов од здружението вели дека добиле поддршка од бизнис заедницата за реализацијата на фестивалот.

-Како и секоја година ќе имаме богата програма за сите возрасти од 7 до 77, ќе има музичка, спортска програма, настапи на диџеи, забава за секој посетител, изјави Стојанов.

Годинава, здружението не побарало поддршка за реализација на фестивалот ниту од општината, ниту од Министерството за култура и туризам.

Во Куманово има преку 200 графити и мурали, исцртани се шест блока. Изминатиов период беа исцртани површини на булеварот „Октомвриска револуција“ на неколку локации, помеѓу училиштата „Браќа Миладиновци“ и „Крсте Мисирков“, населба „Гоце Делчев“ скоро цело градско подрачје во Куманово, во повеќе урбани заедници. Уметниците исцртаа мурали посветени на великанот Блаже Конески, репрезентативецот Столе Димитриевски, на Гоце Делчев, на хероите од „Диво Насеље“, на Бобан Трајковски.

Организаторите сметаат дека полека јакне свеста кај населението за зачувување на изработените мурали во Куманово и има наидуваат на одобрување кај граѓаните. Освен во Куманово, уметниците цртаат и во други градови во земјава и во странство.