Националното студентско тело, како репрезентативно тело на студентите во Република Северна Македонија, на 30.04.2025 поднесе официјални барања до клучните институции во државата за итно носење на Законот за студентско организирање.
Барањата се упатени до:
Министерството за образование и наука и министерката проф. д-р Весна Јаневска, Претседателот на Собранието, м-р Африм Гаши, Претседателката на Комисијата за образование, наука и спорт при Собранието, проф. д-р Иванка Василевска, Претседателката на Клубот за младински прашања и политики при Собранието, м-р Драгана Бојковска, како и молба за поддршка е доставена до претседателката на државата, д-р Гордана Силјановска-Давкова
Поднесените документи произлегуваат од заедничкиот заклучок на средбата одржана на 25 октомври 2024 година помеѓу Националното студентско тело и министерката за образование и наука, на која се согласија дека е неопходно донесување посебен Закон за студентско организирање. Предлог-текстот на законот беше изготвен од студентски претставници и подоцна финализиран во рамки на работните групи за измени на Законот за високо образование. Националното студентско тело смета дека донесувањето на овој Закон е императивно и бара тој да биде усвоен пред почетокот на академската 2025/2026 година. Со тоа би се овозможила навремена реорганизација на студентските тела, избор на нови претставници и институционализирано основање на Националното студентско тело според новата законска рамка.
Со Законот за студентско организирање ќе се постигнат следниве цели:
Обединување на студентскиот глас на национално ниво, Јакнење на комуникацијата со државните институции, Институционализирано решавање на студентските предизвици, Поттикнување на инклузивност и еднаквост меѓу студентите, Создавање основа за членство во Европската студентска унија (ESU), Поддршка за студентските организации низ целата држава.
Националното студентско тело повикува на политичка волја и соработка од сите чинители, со цел студентите конечно да добијат јасно дефинирана, правно призната и функционална рамка за организирање и застапување.
Александар Николовски Претседавач на Националното студентско тело