Патронот на познатиот манастир „Свети Георгиј Победоносец“ во дебарското село Рајчица, достоинствено и годинава ќе биде одбележан, а покана за присуство на славата од неговиот свет манастир, има до сите кои сакаат да присуствуваат.

Одбележувањето, традицонално ќе почне на 5 мај кога со почеток во 18 часот ќе се отслужи празнична Вечерна богослужба, на која молитвено ќе претстои Неговото Преосвештенство, епископ Антаниски г. Партениј.

На 6 мај, на денот на славата, во 7:30 часот ќе се отслужи празнична Утрена богослужба а Божествената Архиерејска Литургија ќе започне во 8:45 часот и со неа ќе чиноначалствува владиката Партениј, заедно со свештенослужителите од Свештената бигорска Обител.

- Благослов да присуствуваат имаат сите кои сакаат заедно со нашето братство и сестринство да му оддадат чест и да упатат молитви кон светиот великомаченик Георгиј Победоносец, стои во објавата на Бигорскиот манастир.

Исто така, информираат дека на 7 мај (среда) во храмот на Светиот Великомаченик Георгиј во Струга, со почеток во 16 часот, ќе биде отслужена празнична вечерна богослужба, на која се очекува да претстои Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски и на Јустинијана Прва, г. г. Стефан.

По завршувањето на Вечерната и на ктиторската панихида следува свечената Еордија (литија) со чесните мошти на Великомаченикот и на неговата чудотворна икона. Чесните мошти ќе бидат изложени во храмот за поклонение пред да заопочне Вечерната богослужба, сѐ до започнувањето на Еордијата. Оваа година, на литијата ќе биде изнесена и чесната икона на Мајката Божја „Гликофилуса“ (Слаткољубива или Умиление).

-Ве покануваме да бидете гости на нашата манастирска слава, како и да земете учество во древната струшка литија, која пред повеќе од една деценија беше обновена и збогатена со присуството на чесните мошти на Свети Георгиј од манастирот во Рајчица. Дојдете, почувствувајте ја радоста и благодатта на овие торжествени настани и примете го благословот на славниот Победоносец, нагласуваат од манастирот. Со благослов на епископот Антаниски г. Партениј игумен на Свештената Бигорска Обител, се нагласува во објавата.

Манастирот „Свети Георгиј Победоносец“ е женски манастир и се наоѓа на околу два километра од Дебар.